Последните две гостувања на Кавказот ни донесоа две победи за – паметење! (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација после 22 месеци од најславиот триумф за историјаи пласман на едно големо натпреварување се враќа во Тбилиси за да ѝ врати на Грузија за скопскиот јунски пораз со 0-3, во денешната пресметка за првото место во групата во Ц-дивизијата во Лигата на нациите.

Македонија на Кавказот знаела да се мачи, па и убедливо да губи, но последните две гостувања се славни и се победи за паметење. Денеска е трето во овие нецели две години за кое црвено-жолтите треба да бркаат џиновска победа од четири разлика за да ги прескокнат Грузијците, што делува и нереално.

На 12 ноември 2020 година во Тбилиси на истата „Динамо Арена“, на која сега ќе играме против 55.000 гледачи (тогаш се играше пред празни трибини), Горан Пандев со голот во калчо-акцијата со Елиф Елмас и Илија Несторовски го даде голот вреден историја – пласман на Македонија на Еуро 2020.

Една година потоа, на 11 ноември, Македонија гостуваше во Ереван кај Ерменија во пресметка која беше сѐ или ништо за нас во битката за мундијалски бараж. Избраниците на актуелниот селектор Благоја Милевски одговорија спектакуларно – со победа со 5-0. Таа победа и ремито на Романија со Исланд ни ги отвори портите кон баражите, кои потоа беа заверени со триумфот против Исланд со 3-1, а кулминација на циклусот беше март годинава со чудото во Палермо и елиминацијата на европскиот првак Италија.

Енис Барди даде хет-трик и стана прв македонски репрезентативец по Бошко Ѓуровски по повеќе од две децении кој успеал да даде три гола на еден мундијалски квалификациски меч, a Александар Трајковски и Милан Ристовски по еден во една од најголемите гостински победи во последните две ипол децении.

За Македонија и Грузија ова ќе биде петта меѓусебна пресметка и во досегашните четири имаме две ремија 1-1 од претходната сезона во групите во Лигата на нациите, победата во бараж финалето за Еуро 2020 со 1-0 на гости и јунскиот убедлив пораз со 0-3.