Официјално: Ангеловски со 26 фудбалери ќе оди на Евро!

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски ќе поведе 26 фудбалери на Европското првенство летово, на дебито на Македонија на големата сцена, откако Европската фудбалска унија (УЕФА) и официјално го зголеми бројот на фудбалери по репрезентација.

Досега секоја селекција на едно големо натпреварување можеше да има 23 фудбалери, но поради акуелната пандемија со коронавирус, а и на барање на многу селектори од најсилните селекции, УЕФА ја одобри измената за зголемување на бројот на играчи на 26, нешто што уште пред скоро два месеци се најавуваше.

Како што објави УЕФА, откако Извршниот комитет на централата во Нион ја одобри денеска промената, во протоколот за мечот сепак остануваат 23 фудбалери, односно 12 замени покрај единаесетмината стартери, а во тимот од 23 играчи мора да има три резерви.

Дозволено е пред секој меч да има промени само кај голманите, додека ако селекторот сака промена во играчкиот список за следниот меч, фудбалерот што ќе биде избришан, потоа нема да може да се врати на списокот.

Сето ова значи дека трите дополнителни фудбалери би можело да бидат само „туристи“ и селекторите да ги искористат во ептен вонредни ситуации, при повреди или евентуално ковид-позитивни тестови.

Ангеловски до 1 јуни најдоцна треба да го соопшти списокот на патници, два дена после единствената контролка на Македонија со Словенија во Скопје закажана за 29 мај. Тоа што е сигурно отсега е дека нема да смета на првиот напаѓач Илија Несторовски, кој го оперираше коленото.