Миовски: Во Жирона бев во погрешно време, Ренџерс е мојот вистински избор!

Македонскиот напаѓач, Бојан Миовски е фокусиран на престојните натпревари на Македонија против Саудиска Арабија и Лихтенштајн, но денеска зборуваше и за неговата клупска кариера.

Македонските фудбалери денеска се собраа и ги почнаа подготовките за мечевите со Саудиска Арабија и Лихтенштајн. Еден од нашите главни адути треба да биде Бојан Миовски.

Нашиот напаѓач во саботата потпиша за Ренџерс, а веќе во неделата играше на големото шкотско дерби против Селтик и тоа како стартер.

„Кога дојде понудата од Ренџерс, не се двоумев. Проектот беше одличен, а добив голема поддршка и од тренерот, тоа ми беше голема мотивација да преминам во овој клуб. Дебитирав против Селтик, атмосферата беше одлична. Првпат искусив такво нешто, знаеме какви навивачи има во Шкотска и што носи тоа дерби. Но, сега сум тука и целиот фокус ми е на репрезентацијата“, вели Миовски.

Македонецот во Жирона не се изнаигра, имаше разочарувачка сезона, па кратко траеше неговата авантура во Шпанија.

„Во Жирона не беше сјајно, немавме добра сезона колективно, нормално и индивидуално. Фудбалот е тимска игра каде што треба многу работи да се вклопат за еден напаѓач да постигнува голови. За жал бев во погрешно време таму, но морав да донесам одлука за мојата иднина и мислам дека направив вистински избор. Се вратив во лигата каде што добро поминав две години со Абердин, но сега ќе играм за историски многу поголем клуб“.

Сега целиот фокус е на репрезентацијата на Македонија.

„Во репрезентацијата сме во многу позитивна форма, се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам. Ни следува пријателски натпревар со Саудиска Арабија која е доста сериозен противник. Мислите прво ни се на тој натпревар, добро да се подготвиме, да дадеме максимум. Потоа ни следува домашен натпревар против Лихтенштајн, мислам дека нема лесни противници во денешно време, треба да излеземе на терен, да дадеме се од себе и да ги освоиме тие три бода кои ќе бидат многу важни за првите две места во групата“.