Милевски: Не е сè црно и бело, последните мечеви не се слика за Македонија!
Македонија ја совлада Италија во Палермо, во март и го потресе светот со таа вест. Дојде на 90 минути до пласман на СП, но потоа загуби од Португалија во Порто со 0-2. Убавите спомени од Сицилија останаа само тоа и не донесоа некаков резултат во предизвиците кои следеа. Македонија имаше потпросечен настап во Лигата на нации со два пораза од Грузија, реми и домашен пораз од Бугарија, а падот го потврдија и пријателските средби со Финска и со Азербејџан есенва, на кои забележавме реми и пораз.
Поради тоа, чувството од Палермо тргнато на страна, селекторот беше прашан за актуелната состојба на националниот тим, по низата лоши резултати.
„Јас разбирам дека многу често во нашата работа секогаш во фокусот се последните одиграни натпревари, но за мене сето ова не се сведува на „црно и бело“. Сакам да бидеме објективни. Доколку ја гледаме реалната слика на периодот после плеј-оф натпреварите, а ве очекуваат дуели од Лига на нации во период кога дел од фудбалерите се на одмор, дел од нив немаат клубови, други се во потрага по нов клупски ангажман, дел од носителите на игра поради повреда или замор не се во можност да се стават во функција на тимот и за десет дена треба да одиграте четири натпревари, тогаш илузорно е да барате резултат по секоја цена од оние што и покрај сите околности беа тука за нашиот тим. А, згора на се, емотивно бевме исцрпени после мечот со Португалија. Таа слика реално ја согледавме и свесно фокусот го насочивме кон проверка на потенцијалот на кој ќе сметаме во квалификациите за ЕП 2024“, изјави Милевски.
Додаде и дека некои мечеви од Лигата на нации и двете пријателски служеле за проверка.
„Јас реков дека нашата главна цел е создавање тим кој ќе биде конкурентен во следните евро квалификации, а последните натпревари и мечевите од Лига на нации ни служеа во таа насока. Свесно дозволив и некои работи кои се надвор од моите принципи на последните два контролни дуели со силните Финска и Азербејџан, се со цел да имаме јасна и реална слика за квалитетот и потенцијалот на сите репрезентативци“, додаде селекторот.
А во квалификациите за ЕП 2024, Македонија е во пеколна група со Италија, Англија, Украина и со Малта. За очекувањата од тие натпревари и за содржината на целото интервју повеќе на веб-страницата на ФФМ.