Милевски ги селектираше надежите - повика фудбалер од Борусија Дортмунд!

Старо-новиот македонски селектор до 21 година, Благоја Милевски, кој пред две недели се врати на кормилото на националниот тим после осум месеци откако си замина од кормилото на надежната селекција, ќе го има своето ново деби на турнирот „Анталија куп“ во Турција, каде ќе се соочи со Украина, Летонија и Естонија.

Милевски презема нова талентирана генерација во која главна сила се талентираните макеоднски момчиња од селекцијата до 19 години, кои лани играа елитни квалификации за пласман на ЕП. Милевски е најуспешниот македонски селектор, човек кој ја одведе Македонија на историското прво ЕП во 2017 година, па сега во подготовка за новиот циклус има доволно време да ги уигра новите таленти и да се обиде да го повтори тој историски успех остварен пред две години.

„Се радувам на новите предизвици и можноста повторно да соработуваме. Свесен сум за ситуацијата која е пред нас, но не се плашиме, верувам во репрезентацијата, во момците и ќе бидеме подготвени за новите предизвици. Веројатно ова е една од најтешките задачи во мојата кариера, но тука сум, повик од националната репрезентација не се одбива. Квалитет постои, знам дека можеме да успееме и не би прифатил ангажман доколку не верувам во момците и во својата работа. Се надевам дека може да направиме резултат“, вели Милевски.

Во новата генерација на младинци новитет е повикот на поранешниот вардаров талент ердон Даци, потоа Бејхан Аметов, кој е дел од германскиот бундеслигаш Борусија Дортмунд и Бесард Шабовиќ од шведски Ѓургарден. Најголемиот дел од репрезентативци, пак се имињата кои и досега беа дел од младинската селекција, која ја предводеше Добринко Илиевски.

Во составот ги нема Дарко Чурлинов и Елиф Елмас, двата македонски бисери, кои се повикани за евроквалификациите во сениорскиот тим. Македонија во новиот циклус е во група со Шпанија, Израел, Казахстан, Црна Гора и Фарските острови, но сега со поголема шанса за пласман, затоа што сите второпласирани селекции ќе имаат можност да се борат на проширеното Евро 2021 во Словенија и Унгарија со 16 селекции. Милевски со генерацијата со Барди, Велковски, Бабунски и останатите играше на Евро 2017 во Полска со 12 селекции.

Македонија на „Анталија Куп“, кој ќе се одржи од 18 до 27 овој месец прво ќе игра со Украина на 22 март, па со Летонија на 24 март и на крај со Естонија на 26 март. Во групата е и Казахстан, но затоа што Македонија против оваа земја е во квалификациската група, тој меч нема да се одигра.

СОСТАВ:

Томас Божиновски (Фиеренсе, Португалија), Ристе Јанков (Работнички), Даниел Котевски (Победа) - голмани;

Нехар Садики (Ренова), Агрон Руфати (Истра 1961, Хрватска), Есмин Личина (Скопје), Филип Трајановски (Академија Пандев), Филип Антовски (Динамо Загреб, Хрватска), Михаил Маневски (Академија Пандев), Тодор Тодоровски (Осијек, Хрватска), Ване Јованов (Академија Пандев) - одбрана;

Давор Здравковски (АЕЛ Лимасол, Кипар), Јани Атанасов (Бурсаспор, Турција), Димитар Митровски (Спортинг Лисабон, Португалија), Кристијан Ацковски (работнички), Милош Тошевски (Земун, Србија), Марко Ферукоски (Офенбах, Германија), Бесард Шабовиќ (Ѓургарден, Шведска) – среден ред;

Бејхан Аметов (Борусија Дортмунд, Германија), Милан Ристовски (Ријека, Хрватска), Марио Крстовски (Академија Пандев), Даниел Миловановиќ (Академија Пандев), Кристијан Трапановски (Славија Прага, Чешка), Емил Абаз (Бершот, Белгија), Ердон Даци (Коњаспор, Турција) – напад.