Македонските европски шампиони добија Национални признанија од Владата (ФОТО)

Македонските спортисти кои може да се пофалат со епитетот европски клупски шампиони денеска беа одликувани со Национални признанија на настан организиран од Министерството за спорт и Владата на Република Македонија.

Признанијата ги врачија министерот за спорт, Борко Ристовски и премиерот Христијан Мицкоски, кои лично им оддадоа почит на спортистите кои оставиле длабока трага во македонската спортска историја.

„Денеска не зборуваме само за спорт. Зборуваме за пожртвуваност, за истрајност, за достоинство и за љубов кон татковината“, рече премиерот, нагласувајќи дека доделувањето на признанија е повеќе од формалност – тоа е длабока, искрена и заслужена почит за животен подвиг. Тоа се луѓе кои не барале ништо, а дадоа сè“, порача премиерот Мицковски.

Меѓу наградените се најдоа фудбалските великани Горан Пандев, Дарко Панчев и Илија Најдоски, кои со Интер односно Црвена Звезда се искачија на кровот на Европа, како и кошаркарите Петар Наумоски и Перо Антиќ за европските круни со Југопластика односно Олимпијакос и Фенербахче. Најмногубројни се имињата од ракометот и тоа Кирил Лазаров за трофејот со Барселона, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ и Марко Мишевски за круните со Вардар, како и Елена Ѓоргиевска, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска Муратовска и Клара Боева, кои беа шампионки со Кометал ЃП.

Првиот човек на Владата најави дека ова е почеток на нова политика и систем на вредности, во кој спортот не е само натпревар, туку образец за животот. Признанијата се доживотни и, како што рече, претставуваат конкретен израз на благодарност, а не само симболика.

„Овие признанија се само почеток. Почеток на една нова политика во која успехот нема да се заборава, а вложениот труд ќе се вреднува со почит. Државата која не ги цени своите херои, полека ја губи својата душа“, истакна Мицкоски.

Тој на крајот им порача на младите спортисти дека Македонија ќе биде тука за нив.

„Ќе ве препознае, ќе ве поддржи и во рамките на своите можности, ќе ви се оддолжи – како што денеска им се оддолжуваме на оние кои веќе го испишаа своето име со златни букви“, додаде премиерот.

Добитниците на признанијата ќе добијат и право на месечни парични награди во износ од една ипол просечна плата.