Ивановски и Мицов ѝ ја донесоа клучната победа на Македонија

Македонската тениска репрезентација ја победи Молдавија со 2-1 во второто коло од Дејвис куп турнирот што се одржува во Скопје.

Откако претходно двете селекции освоија по еден поен, клучната победа ја остварија Мицов и Ивановски во дуелот во двојки во кој со 2-1 ги победија Кјумак и Снитари. Нашите тенисери го добија првиот сет со 6-4, а во вториот пропуштија две меч-топки во тај-брејкот во кој водеа со 6-4, а го загубија со 7-9.

Клучен во третиот сет беше четвртиот гем кој Ивановски и Мицов го освоија на сервис на противникот, без загубен поен и потоа успеаја да го сочуваат водството до крајот (6-3).

Утре Македонија ја очекува дуел против Летонија кој ќе биде еден од клучните за пласман во Втората светска дивизија од Дејвис купот. Досега нашите тенисери имаат победа од 3-0 против Малта и пораз од Црна Гора со идентичен резултат.