Македонската фудбалска репрезентација комплетна попладнево го одработи тренингот, втор од почетокот на подготовките за последните два евроквалифкациски мечеви со Австрија и Израел на кои црвено-жолтите и покрај низата проблеми ќе се обидат да стигнат до доволно бодови за да го заверат третото место, како „утеха“ со најдобар пласман во едни квалификации.

Никогаш досега Македонија не завршила подобро од четврто место во едни квалификации, па за генерацијата која има голем потенцијал ова е шанса да се потврди дека постои мал напредок со таков „скок“ на третото место и сега последните два меча се шанса да се покаже сето тоа. Добри резултати од овие два меча ќе бидат и добредојдени за зголемување на самодовербата за мартовскиот бараж преку Лигата на нации, наша клучна и историска шанса за пласман на Евро 2020, особено зашто после овие два меча репрезентацијата ќе нема друга шанса за тестови, проверки и дополнителни преправки.

Македонија моментно е трета со ист број на бодови како и Словенија и Израел, па сега една победа против Израел може да им гарантира трето место, ако Словенија и Израел исто така освојат максимум три бода од овие два меча на крајот од циклусот.

Селекторот Игор Ангеловски има 22 фудбалери на располагање, откако откажаа поради повреди Иван Тричковски и Егзијан Алиоски, па само Тихомир Костадинов беше дополнително повикан од првичниот список со 23 фудбалери. Од нив за мечот со Австрија нема да смета на уште тројца (Николов, Муслиу и Несторовски), но сите избраници се максимално фокусирани на подготовката за во Виена да покажат поинакво лице од тоа во јуни во Скопје, кога Австријците нѝ одржаа вистинска лекција по модерен фудбал.