МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКО – од А(мбиција) до Ш(шанса) за нова фудбалска епопеја!

Македонија дебитира на Европското првенство, 16-то во историјата, прво што ќе се игра низ Европа во 11 градови во 11 земји на Стариот континент и почнува денеска со отворањето во Рим, на „Олимпико“ (21 часот) со мечот Италија – Турција.

Еуро 2020 по многу нешта ќе биде специфично, посебно, необично... Не само поради дебито на Македонија, туку и поради одржувањето во ек на глобалната пандемија со коронавирус, поради која се одржува една година подоцна, поради низа други фактори...

Сѐ за Еуро 2020 низ 31-та буква во азбуката се обидовме да го доловиме тоа што практично ќе го одбележи овој турнир на 24-те учесници и ќе заврши на „Вембли“ во Лондон за точно еден месец, на 11 јули.

А – АМБИЦИЈА И АТМОСФЕРА. Без големи амбиции нема успех, зашто амбицијата поставува цел, а квалитетот и мотивацијата го носат успехот. Македонија покажа голема амбициозност од моментот кога беше на срамното 166-то место пред пет години да игра на голем турнир, кога никој не веруваше. Сега амбициите се да се помине и група, иако сме дебитанти на Европско, а инаетот, карактерот, заедништвото веќе покажаа дека може да испорачаат голем резултат. Германија во март тоа најдобро го знае. Кога еден од најмладите, Елиф Елмас вели дека не се задоволува само со настап, јасно е сѐ – без високи амбиции нема високи дострели. Атмосферата, пак, е посебен дел, за овој успех можеби и најважен, зашто репрезентацијата стана големо семејство, нешто што никогаш досега во националниот тим го немало, барем до оваа генерација.

Б – БУКУРЕШТ. „Втора македонска престолнина“ барем во овие воведни осум дена од стартот на еврошампионатот. Романскиот главен град е нашиот центар, каде ќе играме две од трите средби на Евро, а во зависност од нашиот успех, евентуалното поминување на групата, може и да се вратиме во осминафиналето на Националната Арена. Букурешт во следните десет дена ќе биде окупиран од Македонци, чија бројка да не беше короната ќе се броеше во многу илјади навивачи, ама и вака, фудбалските херои ќе имаат добра поддршка кон нова фудбалска историска приказна

В – ВЕМБЛИ. Најголемиот стадион во Англија е домаќин на завршницата на ова необично Европско првенство, кое се организира низ цела Европа, а се прославува шест децении од првиото во 1960 година. Континенталниот шампионат требаше да се игра лани ова време, апа пандемијата со коронавирус го попречи тоа, па со година задоцнување најдоброто на Стариот континент ќе нѐ возбудува цел месец, вклучувајќи го посебно дебито и на Македонија

Г – ГОРАН ПАНДЕВ. Капитенот на македонската фудбалска репрезентација веќе прослави две децении од своето деби за националниот тим, а после 119 меча сега круна на неговата кариера е настапот со Македонија на ЕП. За фудбалерот кој освои сѐ во кариерата, историскиот настап со националниот тим е посебен момент, зашто е пред пензија, иако цела македонска јавност посакува да продолжи да игра барем до СП 2022. Пандев е еден од највозрасните на ЕП, ама и еден од фудбалерите за кого веќе се изнапишаа безброј приказни, зашто на 37 години дочека со капитенската лента да ја води нашата селекција на еврошампионатот.

Д – ДЕБИТАНТИ. Два дебитанти има на овој 16-ти еврошампионат. Покрај Македонија, тука е и Финска, која до пласман на Еуро 2020 стигна преку редовниот евроквалификациски циклус, нешто што досега оваа скандинавска земја го немаше достигнато, ни во ерата на најголемиот Јари Литманен

Ѓ - „ЃАВОЛСКА ГРУПА“. За нас Македонија е во преден план на ова ЕП, ама за европската јавност, посебен шмек на стартот во групната фаза е неверојатната последна група на Еуро, во која е најтрофејната нација (Германија), светскиот првак (Франција) и европскиот шампион (Португалија). Практично секое коло ќе има по едно супердерби, нешто што не се памети во историјата да се случило, да има ваква група со три фаворити за евротитулата. За жал на Унгарија, шансите безмалку не постојат, во друштво на овие селекции за следна фаза.

Е – ЕВРО НИЗ ЕВРОПА. Ова 16-то Европско првенство е најнеобично досега, не зашто се игра во период на голема криза со опасниот коронавирус, туку зашто првпат се игра низ цела Европа. Досега во историјата или една или две земји заеднички организираше еврошампионат, а сега мечеви ќе се играат во дури 11 градови од 11 различни земји. Кога тргна проектот, требаше да бидат 13 градови, но Брисел се откажа зашто не успеа навреме со инфраструктурата, а Даблин во оваа коронакриза извиси за организација, зашто не даде гаранции за публика. Така Санкт Петербург доби повеќе мечеви, а од првиот план само уште Билбао извиси, но Шпанија секако ќе е домаќин со алтернативната Севилја.

Ж – ЖЕНА СУДИЈКА. Првпат во историјата на едно Европско првенство меѓу арбитрите ќе има и една припадничка на понежниот пол. УЕФА одамна има политика на „еднаквост“, па Стефани Фрапер влегува во светот на машкото ЕП, која ќе биде четврти судија на мечевите. Но, во случај главниот арбитар или некој од помошниците да се повреди, може да се најде и на самиот терен. Фрапер веќе има еден историски момент, како прва судијка која била дел од ЛШ, како помошник на мечот Јувентус – Динамо Киев.

З – ЗАЕДНИШТВО. Ако нешто посебно ја отсликува Македонија како дебитант на ова Европско првенство е неверојатното заедништво на тимот. Од поодамна во соблекувалната е изградена семејна атмосфера. За секој успех потребна е супер-атмосфера меѓу фудбалерите, почит еден кон друг, почит кон селекторот, почит кон дресот. Сето тоа доведе македонија да падне во фудбалска еуфорија, зашто без заедништво нема успех. Не е ни чудо што нема фудбалер во тимот кој не го посочил истото – гинеме еден за друг!

Ѕ – ЅВЕЗДИ НА ЕВРО. Долга е листата на фудбалски ѕвезди кои ќе играат на овој еврошампионат, од петкратниот освојувач на „златната топка“ Кристијано Роналдо, сонародниците Бруно Фернандеш, Жоао Феликс, па преку Роберт Левандовски (Полска) Еден Азар, Ромелу Лукаку (Белгија), Тони Крос, Каи Хаверц, Лирој Сане (Германија), Лука Модриќ (Хрватска), а тек Франција – Килијан Мбапе, Пол Погба, Карим Бензема, Ентоан Гризман, Нголо Канте... Од светските суперѕвезди ќе недостигаат и неколкумина што не успеаа да обезбедат пласман како Ерлинг Браут Халанд или кои се повредени, Златан Ибрахимовиќ.

И – ИГОР АНГЕЛОВСКИ. Пред пет ипол години седна на клупата на Македонија кога репрезентацијата го допре дното, а ни 100 гледачи немаше на неговата инагурација, па помина трнлив пат додека склопи селекција и откако „златните младинци“ од Барди, Велковски, Муслиу, Николов, Елмас влегоа во селекцијата, работите се сменија, полека почна да се гази патот кон историските успеси. Ако за нешто е посебно „виновен“ е што во селекцијата направи таква атмосфера, заедништво, семејство, а вербата во пулените се врати со историскиот прв настап на Европско.

Ј – ЈОАКИМ ЛЕВ. После деценија ипол на кормилото на Германија, со финале на Евро 2008, светска титула во 2014, за Лев ова е последната авантура на кормилото на „елфот“. Ханси Флик, неговиот бивш соработник кога беше освоена „златната божица“, ќе го наследи, а Лев после силната шлаканица од Македонија, со полу реконструиран тим (врати неколку поискусни играчи како Хумелс и Милер) ќе се обиде да ја донесе четвртата европска титула и на најубав начин да замине во репрезентативна пензија. Германија од 1996 година чека на пехарот на континенталниот шампионат.

К – КОРОНА-ПРВЕНСТВО. Опасниот вирус ковид-19 направи хаос на секое поле повеќе од една година, нормално и во фудбалот, па Европското првенство ќе се одигра во најголем дел пред само третина од капацитетот, но многу поголем проблем од ефектот на короната, е колку сила има уште кај фудбалерите после пренапорната сезона, која стартуваше од средина на септември, па се играше буквално фудбал на секој три дена. А, пред да почне сезоната, цело лето се доигруваше прекинатата претходна сезона. Ако е за радост, самиот факт што ЕП среде оваа криза, која не е завршена, е што ќе има фудбалски шмек со гледачи, зашто досега „убавата игра“ личеше само на тренинг-мечеви пред празни стадиони и без страст.

Л – ЛЕГЕНДА (КРИСТИЈАНО РОНАЛДО). Португалскиот ас веќе е легенда на ЕП, зашто ова ќе му биде петти шампионат, откако дебитираше за својата земја на домашно тло во 2004 година. Роналдо е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, а пред него се уште низа рекорди. Единствен е што има над сто репрезентативни голови (103), а на ова ЕП, ако распука може да го стигне и светскиот рекорд на легендарниот Иранец Али Даеи (109). Само еден погодок го дели да биде најдобар стрелец во историјата на Европските првенства, зашто сега е изедначен со по девет со Мишел Платини. Три настапи во групата ќе му донесат да биде фудбалер со најмногу настапи на финалните турнири, а успее ли Португалија да стигне до финале, па уште и да даде гол – ќе биде најстар на кој му успеало вакво нешто.

Љ – ЉУБОВТА КОН ФУДБАЛОТ. Среде пандемија со коронавирус и со различни рестрикции за секоја земја, сепак фудбалот на Европското првенство ќе се игра пред публика, а љубовта кон фудбалот и националниот тим нема да ги спречи навивачите да патуваат низ Европа. Од Баку на краен исток, Санкт Петербург на север, Севилја како најзападна точка, навивачите ќе се изнапатуваат и во најтежок период, само колку фудбалот да остане тоа што е – најважна споредна работа на светот. До пред неколку бесеци ова сценарио беше скоро незамисливо, откако удри третиот бран на короната, ама на крај пак – фудбалот победи!

М – МАЛЕРОТ НЕСТОРОВСКИ. Македонскиот репрезентативен центарфор е најголемиот малер, зашто еден месец пред историскиот пласман на ЕП се – повреди. Несторовски го повреди коленото, па експресно го оперираше и сега нема да може да си го оствари својот сон да игра со Македонија на голем турнир. Тој е во Букурешт, ќе ги бодри своите другари, ама сигурно е дека ќе му биде најтешко, зашто нема да може да им помогне на теренот.

Н – НИЕ СМЕ ЛУЃЕТО. Химната на ова Еуро 2020 (We are the People) ќе биде хитот на летото, зашто ќе ја изнаслушаме песната на еден од најпознатите светски ди—џеи Мартин Гарикс, кој ја направи музиката и Боно Вокс, култниот фронтмен на легендарните „Ју Ту“, кој го напиша текстот. Песната која ќе се врти цел месец низ Европа ќе ја има тешката задача да се пробие меѓу химните на секој голем шампионат, кои ја надополнувале фудбалската еуфорија, било да е за Европско или Светско првенство

Њ – „ЊУ СТАРС“ (НОВИ ЅВЕЗДИ). Долга е листата на млади фудбалери, настрана веќе профилирани како Килијан Мбапе и Жоао Феликс, кои може и се очекува да блеснат, а скоро да немаше угледен и познат европски и светски медиум кој го групата на млади лица на кои треба да се обрне внимание не го посочија и нашиот дијамант Елиф Елмас.

О – ОСТЕРАЈХ (АВСТРИЈА). Првиот наш противник на дебито на ЕП. Давид Алаба, Марко Арнаутовиќ, Марсел Сабицер..., со Франко Фода на клупата, двапати нѐ победија во евроквалификациите. Во Скопје ни одржаа лекција со 4-1, во Виена славеа со 2-1, па на ред е наша „трета среќа“ да освоиме бод(ови) и успешно да го отвориме ЕП на патот кон остварување на високо поставената цел - осминафинале

П – ПЕТ ЗАМЕНИ И ВАР. Прво Европско првенство на кое ќе има два новитети. Првиот е што поради пандемијата ќе се користат пет замени, што им дава опција на селекторите да ја задржат свежината на фудбалерите во текот на целото првенство, ама и во счучај на „непосакувано сценарио“ во тек на еден меч, да може да интервенираат за да стигнат до остварување на целта. Вториот новитет барем за ЕП е видео-технологијата (ВАР), која првпат на големите турнири се инагуираше на Мундијалот во Русија пред три години. За ВАР има многу „про“ и „контра“, а се надеваме дека нема да има грешки и нелогични одлуки посебно околу милиметраските офсајди.

Р – РИМ. Сите патишта водат кон „вечниот град“, овојпат фудбалски, зашто од „Олимпико“ тргнува фудбалската ЕУРОфорија. Италија против Турција на отворањето на 16-то Еуро 2020, по што секојдневно по три меча ќе има во три термини во групната фаза, сѐ до последното трето коло, кога двата меча во секоја група ќе се играат во ист термин.

С – СКИЛЗИ. Маскотата на ова првенство е фристајлерот Скилзи, кој е карактер иснпириран од фристајлингот, улицата и панана културата. Скилзи го наследува Супер Виктор, кој беше маскота на Еуро 2016 во Франција, а пред него беа Славек и Славко (2012), Трикс и Фликс (2008), Кинаш (2004), Бенлаки (2000), Голијат (1996), Ребит (зајко – 1992), Берни (1988), Пено (1984) и Пинокио (1880).

Т – ТРОФЕЈ. Анри Делејни е пехарот кој на 11 јули во Лондон на „Вембли“ ќе го подигне новиот европски првак, сребрен пехар од 60 сантиметри и тежок осум килограми, откако беше редизајниран. Пехарот го носи името на основачот на Европските првенства, Анри Делејни, првиот генсек на УЕФА и бивш претседател на француската федерација (ФФФ), кој почина во 1955 година, пет години пред инугуративното Евро. Досега Германија и Шпанија го освоиле по трипати, Франција двапати, по еднаш Италија, Холандија, Португалија, СССР, Грција, Данска и Чехословачка

Ќ – ЌАР ДО ГУША. По 9,25 милиони евра добија 24-те земји учесници на ова Еуро 2020, а дополнително касата ќе се полни од премиите за победа (еден милион евра) односно реми (500.000 евра), како и за пласманите во елиминациските фази, сѐ до финалето. Македонија заработи еден буџет, има шанса за уште неколку милиони, но најголем ќар до гуша е невидената реклама што земјава ја доби со самото учество на ЕП, низ безмалку сите медиуми не само во Европа, туку и низ светот.

У – УКРАИНА. Вториот наш противник во групата Ц (17 јуни, 15 часот, Букурешт) го води легендарниот Андриј Шевченко, со Јармоленко, Зинченско, Малиновски..., дури 11 играчи од Динамо Киев. Против Украина имаме една победа во 2004 година, два порази и реми без голови, ама „златната младинска“ генерација од Еуро 2017, која е половина наша репрезентација има убави сеќавња од мечевите со Украинците на патот кон историското учество на еврошампионатот – две победи од 1-0 во квалификациите. Првата во Скопје во 95-та минута, а втората во Киев кога ептен ни требаше триумф за пласман.

Ф – ФЕРНАНДО РАПАЛИНИ. Првпат во историја на Европските првенства нема да има само европски судии. Освен историскиот момент со судијка, макар и како четврти арбитар, на мечевите, сега ќе има и еден од друг континент – Јужна Америка. Аргентинецот Фернандо Рапалини со помошниците Хуан Пабло Белати и Диего Бонифа беше избран од УЕФА како дел од програмата за размена со КОНМЕБОЛ.

Х – ХОЛАНДИЈА. Третиот наш противник (21 јуни, 18 часот, Амстердам) со кој имаме две епски ремија во четири меча, но и еден тежок пораз со 0-4. За Холандија нема што премногу да се напише, европски великан, земја која ги даде Кројф, Нескенс, Ван Бастен, Гулит, Рајкард, Сидорф..., земја која на светот му го подари „тоталниот фудбал“, формацијата 4-3-3. Сега со Франк де Бур на клупата, нова голема генерација, но и без неколку клучни играчи пред сѐ Вирџил Ван Дијк, Дони Ван де Бек...

Ц – ЦРВЕНО-ЖОЛТИ. Македонија ќе си игра во старите црвено-жолти дресови на Еуро 2020, откако не успеа обидот со редизајнот на ФФМ и спонзорот Јако, чии посебни дресови за еврошампионатот предизвикаа бура во земјава. Само 48 часа после промоцијата, ФФМ ретерираше и објави дека ќе игра со старата гарнитура и дресот со македонското сонце на него, наместо со бордо дресот наместо црвен и црно-портокаловиот како трета опција.

Ч – ЧЕЛСИ. Новиот европски првак е еден од двата клуба кои имаат најмногу претставници на Европското првенство. Дури 15 фудбалери на лондонските „сини“ ќе играат на континенталниот шампионат. Исто толку има и финалистот во ЛШ, Манчестер сити, кој ја загуби битката за европската клупска круна во Порто со 0-1.

Џ – ЏОКЕР. Секое Европско првенство израѓа еден или неколку џокери, кои се Х-фактор во селекциите за нивните успеси. За Португалија беше Едер, кој со гол донесе евротитула пред пет години, Шпанија секогаш имала по неколку џокери во ракавот, зашто философијата е да не зависат од еден-двајца, Грција сама по себе беше џокер... И секојпат, некој фудбалер кој не е во главниот фокус, ќе блесне за победа, а за идниот или новиот првак – титула.

Ш – ШАНСА ЗА НОВА ЕПОПЕЈА. Една историска страница напишавме во ноември со пласманот преку баражот за Европско, па во март дојде епскиот триумф во Дусибург против Германија, а сега на ред е Еуро 2020. Пред четата на Игор Ангеловски и со Пандев како лидер, пред црвено-жолтите е шанса за нова фудбалска епопеја. Дебитанти сме, многумина нѐ отпишаа, но пред фудбалерите е можноста да им докажат на сите дека Македонија е селекција за европскиот крем. Без оглед на исходот, фудбалерите со настапот веќе се херои, ама ако успеат да стигнат до осминафинале или во најмала рака да освојат бодови и да остават силен впечаток, тогаш националниот тим ќе запечати една авантура каква до неодамна можевме само да си ја сонуваме.