
Крај на непобедливоста на Македонија - пораз од С. Арабија! (ВИДЕО)
Селекторот Милевски како што и најави, денеска излезе со комбиниран состав, шанса добија и играчи кои немаат многу голема минутажа.
Саудијците подобро го почнаа мечот, првата шанса ја имаа тие, кога во 20. минута Ал Бураикан биеше од идеална позиција, но Димитриевски го одбрани неговиот удар.
Во 32. минута Ал Харби се обиде со силен удар од далечина, топката одеше под пречката, Димитриевски одбрани уште еднаш.
Казната стигна во 40. минута кога Александар Трајковски атрактивно со ножички погоди за водство на Македонија од 1-0. Ова беше еден од најубавите голови на македонската репрезентација.
Сепак не успеавме со предност да заминеме на одморот, Ал Бураикан во 45. минута даде гол за израмнување на 1-1.
Во второто полувреме натпреварот беше побавен, со помалку возбудувања. Првото конкретно нешто се случи дури во 77. минута кога Кано со глава ја погоди пречката од голот на Димитриевски.
Само минута подоцна Барди направи грешка во средината на теренот, тоа го искористи Ал Хамдан и даде гол за комплетен пресврт и победа на Саудиска Арабија од 2-1.
Ова беше само пријателски натпревар, она што е важно за Македонија ќе се случува во недела од 18 часот кога на Националната арена „Тодор Проески“ го пречекуваме Лихтенштајн во квалификациски меч за Светското првенство.