Како до бараж: Или до бод(ови) со Германија или со помош од Ерменија

Македонија дојде до второто место на 270 минути до крајот на овој мундијалски циклус во битка за бараж за пласман на Светското првенство во Катар догодина и теоретски сѐ е сега во наши раце за да се оствари нов успех и преку мини-турнир да се продолжи битката за виза на најголемиот светски фудбалски настан.

Македонија со девет бода сигурно ќе го грабне билетот за бараж, арно ама пред црвено-жолтите е најголемата пречка веќе во понеделник, четирикратниот светски и трикратниот европски првак Германија, која доаѓа по три бода за верификација на пласманот на Мундијалот. Во сигуација кога имаме 12 бода, со далеку подобра гол-разлика од Ерменија која исто така има 12 бода на контото, а Романија е зад нас со 10, трката за баражот останува отворена најмногу поради таа пресметка со „елфот“ и далеку полесниот распоред на Романците.

Три кола до крајот Романија има „најлесен“ распоред од причина што ја чека пресметка со аутсајдерот Лихтенштајн и нема повеќе дуел со лидерот Германија. Романците во понеделник ја чекаат Ерменија, а во ноември прво го чекаат Исланд дома (11 ноември), па одат во Вадуц (14 ноември). За разлика од нив, Македонија и Ерменија ги чека по еден меч со Германија, црвено-жолтите веќе во понеделник, а Ерменците во последното коло на 14 ноември, плус што Ерменија има гостување во Романија, а ние доаѓаме во Ереван на 11 ноември.

Баражот за Македонија е на повидок, ама прашањето сега е – колку реално и математички е достижен?

Првата математика вели со три победи сигурно сме први, без оглед на ривалите што ќе направат, а во таков случај само Романија може до максимални девет бода, зашто Ерменците кој би загубиле од нас во оваа претпоставка не може да дојдат до максимален ефект. Во таква ситуација, Македонија со девет на контото би имала 21, а Романците 19.

Втората опција е дека на Македонија работа ќе и завршат и седум бода, што би значело бод со Германците и потоа две победи кои би морало да се остварат во ноември со Ерменија и Исланд за 19 бода, а тогаш Романија и со девет бода на контото би била зад нас зашто во трите победи треба да надополни седум голови, колку што е нашата предност во моментов (имаме +9, а тие само +2). Теоретски може да извисиме во оваа ситуација, само ако Романците ги наполнат до врв трите противници за оваа наша гол-предност да ја стопат, а посебно тоа би било со Лихтенштајн кој би бил најпогоден за билдање разлика.

Македонија во понеделник сигурно е дека нема да се откаже од шансата да остане непоразена од Германија, но далеку од тоа дека сега може да му се закануваме на великанот, кој влезе во серија од четири победи со новиот селектор Ханси Флик, без оглед што во март ги победивме во Дуисбург со 2-1. И ако одиме по можеби пореалната опција, дека Германија ќе си победи сѐ до крајот, што значи дека ќе нѐ победи и нас, а потоа и Лихтенштајн и Ерменија во ноември, шансите за Македонија да стигне до баражот со пораз во понеделник нема да се намалат, ќе останат, но тогаш ќе ни треба и мала помош и тоа од - Ерменија.

Ерменија во понеделник гостува во Романија и идеално би било мечот да заврши со реми! Во таква ситуација, Македонија до бараж може да си дојде и со пораз од Германија, ама со две победи во ноември, прво во Ереван, па потоа во Скопје со Исланд. Шест бода би значеле 18 на контото, а кикс на Романија со Ерменија би ги довело во ситуација да може да освојат само седум и би имале 17 на крајот. Ерменците, пак, секако би испаднале од трката зашто како и да ја вртиме, нашето гостување во Ерменија може да биде клучно за тоа второ место.

Дури и Ерменија да изненади во Букурешт и да победи, што би значело крај на надежите на Романија, повторно Македонија нема да ги загуби шансите, иако на момент би биле трети со 12-те бода, три зад Ерменија по осум кола. Наша победа во Ерменија ќе не врати на исто конто, а потоа против Исланд би го запечатиле второто место, без оглед на тоа дали Ерменија во последното коло би ја победила Германија. Само затоа што при ист број на бодови, нашите плус девет во моментов значат дека Ерменците би требало да надоместат 12 гола на контото, поради негативната гол-разлика од минус два моментно или појасно - Германија да ја торпедираат двоцифрено.

Ако Романија ја победи Ерменија, а Македонија загуби од Германија, тогаш последната шанса ќе ни биде помош од Исланд, кој во овие квалификации е далеку од своето претходно ниво, па затоа и Ерменија е поголема наша надеж за помош одошто Исланѓаните, иако во фудбалот се покажало дека ништо не е сигурно, па ни триумф на Романија дома со Исланд или со Лихтенштајн, кој веќе ги уназади Ерменците во овие квалификации, а на пример Гибралтар на нашиот пат кон Еуро 2020 преку Лигата на нации ни помогна со триумф среде Ереван.

Кога сѐ ќе се погледне, сега уште поголема е болката од загубените два бода на Македонија на Исланд после убедливата игра и водство од 2-0 на 11 минути пред крајот, зашто со нив сега на контото, црвено-жолтите во многуте математички комбинаторики ќе можеа и со само четири бода да се надеваат на бараж, а две победи секако ќе нѐ однесеа таму, без да чекаме и најмала помош.

Пред Македонија секако е битка веројатно до последна секунда во овие квалификации за евентуален бараж, нешто што и селекторот Благоја Милевски го најави како ветување дека секоја шанса ќе се искористи, иако уште од август главната цел за новиот селектор што е поставена е настап на Европското првенство во 2024 година во Германија.

РАСПОРЕД НА МЕЧЕВИ ДО КРАЈ НА КВАЛИФИКАЦИИ

ГЕРМАНИЈА – 18 БОДА (гол-ралзика 19-3)
Македонија (11 октомври, гости), Лихтенштајн (11 ноември, дома), Ерменија (14 ноември, гости)

МАКЕДОНИЈА – 12 БОДА (15-6)
Германија (11 октомври, дома), Ерменија (11 ноември, гости), Исланд (14 ноември, дома)

ЕРМЕНИЈА – 12 БОДА (8-10)
Романија (11 октомври, гости), Македонија (11 ноември, дома), Германија (14 ноември, дома)

РОМАНИЈА – 10 БОДА (10-8)
Ерменија (11 октомври дома), Исланд (11 ноември, дома), Лихтенштајн (14 ноември, гости)

 

ПРОСТА МАТЕМАТИКА ЗА ПАТОТ ДО БАРАЖ

- со девет бода сигурно сме во плејофот за пласман на Мундијалот

- со седум бода дури и ако Романија освои девет, но со услов Романците да не победат рекордно против Лихтенштајн и да не ги надоместат седумте гола во наша полза во гол-разликата

- со шест бода одиме во бараж ако Романија освои седум, односно не ја победи Ерменија

- со пет бода одиме во бараж ако Романија освои шест, ама и Ерменија да не освои повеќе од пет

- со пет бода одиме во бараж и ако Романија освои седум, ама да не успее да ја надомести предноста од седум гола во гол-разликата која е во наша корист, а и Ерменија да нема повеќе од пет