
Горан Пандев – последниот Мохиканец од шампионски Интер и со 37 години газдува во Серија А!
Вака почнува фантастичната приказна за најдобриот македонски фудбалер на престижниот интернет-сајт „Планет фудбал“, во која на прекрасен начин е објаснета големината на фудбалерот на Џенова, но и неговата долговечност.
„Очекувано, најголем дел од играчите кои ја освоија тројната круна во сезоната 2009/10 веќе се во пензија. Занети е потпретседател ан Интер уште од 2014 година, додека Станковиќ, Виеира и Мора 'впливаа' во менаџерските води. Кениецот Марига, пак, се пензионира со 31 година и стана политичар во својата земја. Тие што сѐ уште играат може да се избројат на прстите од една рака. Кварезма има 36 години и сѐ уште нема клуб по заминувањето од Касимпаша, додека Арнаутовиќ, кого Мурињо ретко го користење, заработува големи пари во Кина. Балотели, пак, се врати во Италија, но неговата авантура со Бреша се покажа како очајна. А, ниту еден од овие набројани не се наиграа во таа шампионска сезона, за разлика од Пандев, кој тогаш одигра 27 меча и дури беше и стартер во големото финале против Баерн (2-0)“, се продолжува во текстот.
Во продолжение од епот за Пандев, се споменуваат неговите фантастични потези од неодамна завршената сезона, во која беше меѓу најзаслужните што Џенова остана во Серија А. Посебно е опишан неговиот клучен погодок во победата против Сасуоло, која можеби беше клучна за опстанокот, а кој беше постигнат со лице во моменти кога паѓаше на теренот. Тоа беше среќа каква што неговиот Интер десет години претходно имаше во полуфиналето со Барселона, кога во екстра времето примија гол од Бојан Кркиќ, кој потоа, на нивна огромна радост, беше поништен поради игра со рака.
Авторот потсетува и на обидот на сегашната управа на Интер во јануари годинава да го врати Пандев во своите редови, со желба да додаде искуство во тимот по ангажирањето ветерани како Ешли Јанк и Алексис Санчез, како и на радоста на челниците на Џенови кога успеаја да го задржат во своите редови.
На крајот, приказнува завршува со поентата дека Македонецот сѐ уште нема намера да каже крај и дека ќе се појави на терените ширум Италија и во сезоната 2020/21. На радост на сите вистински фудбалски вљубеници. Целиот текст за Пандев прочитајте го на следниот линк.