„Дури и Блинд им призна на судиите дека ме фаулирал, ама тие останаа неми!“

Селекцијата на Македонија загуби и во последниот натпревар на ЕУРО 2020 попладнево против Холандија (0-3), по кој останува горчина кај македонските навивачи, пред сѐ поради одличниот старт на жолто-црвените и сомнителниот начин на кој „лалињата“ дојдоа до почетно водство.

Мемфис Депај реализира одличен контранапад, но кој беше инициран по очигледен прекршок над Пандев. Македонската легенда по средбата откри дека дури и противничкиот фудбалер признал дека го удрил по ногата.

„Блинд ја удри и топката, ама ми ја згазна и ногата. И самиот им призна на судиите, но знаеме дека тие поинаку гледаат кон репрезентациите кои се фаворити. Но, нема зошто да тагуваме, го дадовме максимумот. Холандија беше фаворит, а и играше на домашен терен. Имавме статива, поништен гол, мислам дека добро се носевме во првото полувреме, во второто физичкиот дел излезе на виделина “, изјави Пандев.