
Документарецот за Дарко Панчев доби награда на фестивал во Златибор!
Документарниот филм за Дарко Панчев кој е во продукција на регионалната спортска телевизија „Спорт Клуб“, доби награда на фестивал за спортски филмови во Златибор.
„Прекарот Кобра за Дарко Панчев се однесува исклучително за фудбалот, бидејќи во играта се истакнуваше со недостижно брзи потези кои продуцираа неповториливи голови. Во неговиот реален живот, надвор од фудбалската магија, тој е стандард - мерило за наклонетост и пријателство, прво во семејството, и секаде каде што животот го носи, како плима на добрина. Затоа го препорачуваме овој филм како лек против актуелната стварност, која е во сериозен недостаток на основни човекови вредности“, стои во образложението на жирито на меѓународниот феставал за спортски филм во Златибор.
Истовремено, Дарко Панчев доби и признание за животно дело за исклучителен допринос во спортот. Наградите во негово име ги подигнаа сопругата Маја и ќерките Надица и Марија.
На фестивалот во Златибор награден беше и филмот „Среќна 13-ка“, во продукција на МРТ, а посветен на ликот на Благоја Георгиевски Буштур. Режисерот Тони Ристовски го прими признанието за најдобра режија.
На фестивалот во Златибор учествуваа преку 40 филма, од 20 земји.