Ангеловски убедливо најмалку платен од сите селектори на ЕУРО 2020 (ФОТО)

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација во заминување, Игор Ангеловски, чиј договор завршува на 1 август, беше убедливо најслабо платениот селектор од сите репрезентции кои настапија на ЕУРО 2020, објави чешкиот „Испорт Блеск“.

Според медиумот, годишната плата на популарниот Мрме изнесувала 191.000 евра, што е толку под примањата на останатите негови колеги што е за двојно помалку во однос на „првиот до него“ на листата, предводникот на Словачка, Штефан Таркович, кој инкасира 383.000 евра.

Дури 15 селектори заработуваат најмалку еден милион евра, меѓу кои е и Хрватот Златко Далиќ со 1,17 милиони евра. Убедливо најплатен е веќе поранешниот предводник на Германија, Јоаким Лев со годишна плата од неверојатни 10 милиони евра, зад кого се Дидие Дешамп (Франција) со 9,33 и Герет Саутгејт (Англија) и Франк де Бур (Холандија) со 6,38 милиони евра.