Ало ФФМ! Како воздухот под Алпите, живи - здрави сите?

Македонската фудбалска репрезентација денеска требаше да го има првиот собир точно напладне во швајцарскиот град Фојсисберг во пресрет на двата последни натпревари во Лигата на нации против Лихтенштајн на гости на 16 ноември, а три дена подоцна е закажан и дуелот со Гибралтар на домашен терен. Велиме, „требаше да се собере“, бидејќи македонската јавност нема никаква информација дали фудбалерите почнале со подготовките.

Со оглед на фактот дека во Швајцарија нема новинарски екипи да го проследат собирот и првиот тренинг на репрезентацијата, остануваме на милост и немилост на информациите од Фудбалската федерација на Македонија и тоа преку официјалниот сајт.

Денеска последната објава од „Куќата на фудбалот“ е информацијата околу цената на билетите за натпреварот со Гибралтар идниот понеделник. Нема ниту збор за стартот на подготвките на националниот тим, кој треба да биде приоритет. Нема ниту фотографија на социјалните мрежи, па сега целата јавност се прашува дали македонската репрезентација воопшто се собрала во Швајцарија.

Ова е уште еден доказ за неажурноста во Фудбалската федерација на Македонија, која одвојува неверојатни 100.000 евра годишно за својата интернет страница. Додека на сајтовите на сите останати федерации во Европа и светот, главните вести се поврзани со сениорската репрезентација, околу стартот на подготовките за натпреварите од Лигата на нации, на ФФМ.мк - штама!

Веројатно за прв пат во историјата на македонската фудбалска репрезентација на официјалната интернет страница на ФФМ нема ниту збор за почетокот на подготовките. Само да ги потсетиме луѓето во „Куќата на фудбалот“ дека професионалното следење на својата репрезентација почнува од малите работи. Барем да објавеа една фотографија на социјалните мрежи од собирот или првиот тренинг, колку да знаеме дека се добро - да не ги мислиме.