Жорге Жесус: Алиоски е добар фудбалер, добро е што го добивме во тимот!

Тренерот на турскиот гигант Фенербахче, Жорге Жесус, португалската тренерска легенда и екс-кормилар на Бенфика, Спортинг Лисабон и бразилски Фламенго, посочи дека добил квалитетен фудбалер во македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски, кој од вчера е нов фудбалер на истанбулскиот великан.

Алиоски дојде во Фенербахче на едногодишен заем од саудиски Ал Ахли и денеска го одработи првиот тренинг.

„Добивме нов фудбалер во тимот, во Алиоски, кој е добар фудбалер и секогаш е добро кога ќе добиете квалитетен играч во вашиот тим. Сѐ уште детално не сум разговарал со него, но набрзо ќе имаме состанок за сите планови за во иднина“, рече Жесус.

Популарниот Џани нема да биде во комбинација за мечот со Словачко, утре во третото коло во квалификациите за Лига Европа во битката за пласман во групната фаза.

„Алиоски нема да биде во комбинација за утрешниот меч со Словачко, штотуку ни се приклучи, тој веќе има две недели од подготовките со својот поранешен тим, но во предсезона сѐ уште ја развивате физичката подготовка, така да утре нема да игра“, додаде Жесус.