Заврши голготата на некогаш големиот талент Тошевски во Ростов

Некогаш големиот македонски талент Давид Тошевски, кој пред три години направи бомбастичен трансфер од Работнички во руски Ростов ја заврши голготата во рускиот тим каде не се наметна воопшто со денешното раскинување на соработката, две години пред истекот на договорот.

Тошевски во Ростов замина за скоро еден милион евра отштета, Русите дури и приватен авион пратија по него за да го земат, во екот на корона-кризата во светот, но младиот центарфор не се снајде во Русија, не успеа да се наметне, мина поголем дел од кариерата на заеми, во Тамбов, Горник Забрже, Михаловице...

„Ростов и Давид Тошевски се договорија за раскин на договорот. Му благодариме на Давид за времето минато во Ростов и му посакуваме многу успех во понатамошната кариера“, објави рускиот клуб.

Имаше и една потешка повреда поради која подолго паузираше, па сега како слободен играч ќе бара нова дестинација за да ја оживее кариерата, зашто беше еден од големите македонски бисери на кого му се превидуваше многу блескава иднина.

Тошевски е поранешен младински репрезентативец на Македонија со шест настапи за селекцијата до 21 година.