Војна во Мадрид: Алварез одбива да тренира со Атлетико – бара правда!

Хулијан Алварез донесе радикална одлука во обид да издејствува заминување од Атлетико Мадрид и трансфер во Барселона, откако ја известил управата дека повеќе нема да тренира со екипата додека не биде решена неговата иднина, пренесува „Мундо Депортиво“.

Аргентинецот се решил на ваков чекор откако во понеделникот не успеал да разговара со тренерот Диего Симеоне за трансферот кој го бара. Тој инсистира да се пресели во Барселона, желба која јавно ја изрази уште за време на неодамнешното СП 2026. Напаѓачот пристигнал со намера ситуацијата да ја реши преку разговор, но во клубот не ги затекнал ниту Симеоне ниту извршниот директор Мигел Анхел Хил Марин, двете личности кои практично треба да дадат зелено светло за неговото заминување.

Особено го налутило отсуството на Симеоне. Според шпанскиот весник, Алварез смета дека тренерот немал храброст да се соочи со него и да разговара за неговата иднина, иако добро знаел дека фудбалерот се враќа токму поради тоа. Симеоне заминал на дводневен одмор на Ибица, додека Хил Марин исто така бил отсутен поради годишен одмор.

Поради тоа, Алварез на луѓето кои биле присутни во тренинг-центарот им испратил две кратки и повеќе од јасни пораки:

„Не сметајте на мене. Повеќе нема да тренирам“, им кажал фудбалерот.

Се очекува Аргентинецот од среда навистина да престане да тренира со тимот. Токму тогаш Симеоне треба да се врати и повторно да ги преземе тренинзите, па средбата меѓу двајцата практично повеќе нема да може да биде одложувана. Алварез тврди дека уште од февруари има ветување од Атлетико дека клубот ќе му овозможи трансфер во текот на летниот преоден рок. Според него, токму поради тоа сегашниот однос на раководството претставува дополнително разочарување.

Аргентинскиот репрезентативец сега е решен да оди до крај и да ги искористи сите можности за да го напушти Мадрид. Неговата желба е јасна – сака да го облече дресот на Барселона, а со одлуката да прекине да тренира притисокот врз Атлетико и Симеоне сега е максимален.