Во Барселона не знаат што прават: Роке го купиле поради Реал

Иако се очекуваше Жоан Лапорта да ги поправи грешките на Жосеп Марија Бартомеу, неговите одлуки во овие три години, исто така немаат голема логика.

Најнелогична меѓу нив е купувањето на бразилскиот напаѓач Витор Роке кој дојде во Барса во јануарскиот преоден рок и покрај силното противење на Чави кој јасно порачал дека не му е потребен и дека нема квалитет да игра во овој клуб. Лапорта, сепак, одлучил да го купи, а причините за тоа се бизарни.

„Потписот на Витор Роке од некои луѓе во клубот беше гледан како можност да се извдат за пропустите кои ги направија порано. Витор Роке и Ендрик се некој вид ривали за 'деветката' на Бразил во иднина. Затоа, во Барселона се обидоа да ги залажат навивачите со Роке кој во моментов е далеку од потребниот квалитет', тврди извор од Барселона за американскиот портал Атлетик.

Ова значи дека Роке е доведен како некој вид одговор на Реал за Ендрик, но „кралскиот клуб“ повторно ја доби битката бидејќи Барселона непотребно потроши 40 милиони евра, а сега нема пари да донесе фудбалери кои се многу попотребни. Од клубот се обидуваат летово да го продадат 19-годишниот фудбалер, за него има понуда од Саудиска Арабија, но целата операција оди многу тешко, а се ближи почетокот на новата сезона.