Варди на речиси 39 години се запиша во историјата на Серија А 

Ѕвездата на Кремонезе, Џејми Варди го освои признанието за играч на месецот во Серија А за ноември.

Искусниот напаѓач со тоа стана првиот Англичанец кој е прогласен за МВП на месецот во италијанското орвенство.

„Наградата за играч на месецот му е доделена на играчот на Кремонезе, Џејми Варди. Гласовите на навивачите преку интернет, во комбинација со индивидуални статистички податоци, го одредија Џејми Варди за добитник на признанието, победувајќи шампиони како Мењан (Милан), Лаутаро Мартинез (Интер), Нерес (Наполи), Остигард (Џенова) и Заниоло (Удинезе)“, пишува во соопштението на Серија А.

Варди идниот месец ќе наполни 39 години, а сезонава првпат во кариерата настапува надвор од Англија. Преминот во Кремонезе се покажа како вистински потег за него бидејќи досега постигна четири гола во Серија А, но конкретно во ноември немаше којзнае каков ефект имајќи предвид дека само еднаш се запиша во листата на стрелците, а Кремонезе ги загуби сите три натпревари.