Стравичен пад на олимписка шампионка – со хеликоптер ја носеа во болница (ВИДЕО)

Швајцарската олимписка шампионка, Мишел Гизин, доживеа тежок пад за време на тренингот во спуст во Сент Мориц и по укажаната прва помош на самата патека беше пренесена со хеликоптер во болница.

Инцидентот се случи само два месеца пред Зимските олимписки игри во Милано – Кортина 2026, каде што таа речиси сигурно нема да настапи. Гизин(32), е двојна олимписка победничка во алпска комбинација (2018 и 2022) и важи за една од најразновидните скијачки во Светскиот куп. Нејзиниот пад е трет случај на сериозна несреќа меѓу швајцарските олимписки шампионки во последните недели, по повредите на Лара Гут-Бехрами и Керин Сутер.

Од Швајцарската скијачка федерација сè уште нема официјален коментар за состојбата на Гизин, додека скијачкиот свет повторно е потресен од серија тешки падови. Пред неколку дена, Словенецот Рок Ажнох исто така се повреди тешко за време на трката во Бивер Крик.

Гизин е родена во Самедан во 1993 година, во семејство длабоко поврзано со зимските спортови. Нејзината сестра Доминик Гизин има олимписко злато од Сочи 2014, а брат ѝ Марк беше активен натпреварувач сè до завршувањето на кариерата поради повреди. Мишел дебитираше во Светскиот куп во 2012 година и брзо стана препознатлива по својата разновидност, освојувајќи бодови во сите дисциплини – слалом, велеслалом, супер-џи, спуст и комбинација.

Нејзината прва победа во Светскиот куп ја оствари во слалом во Семеринг во 2020 година, а на големите натпреварувања остави длабока трага: освои две олимписки злата во комбинација (2018 и 2022) и бронза во супер-џи во Пекинг, како и две медали од Светските првенства. Најдобриот пласман во генералниот пласман на Светскиот куп ѝ е третото место во сезоната 2020/21.

ФОТО: EPA PHOTO