Шпанските медиуми се брутални: Реал Мадрид напаѓачки е – импотентен!

Реал Мадрид синоќа го имаше едно од своите најслаби напаѓачки изданија во Лигата на шампионите во последните две децении, откако на дуелот со Манчестер Сити (1-2) упати само еден удар во рамките на голот.

Според „Марка“, ваков слаб учинок на „Сантијаго Бернабеу“ не е забележан од сезоната 2003/04. Единствениот прецизен шут беше оној на Родриго за водство од 1-0, а во преостанатите 62 минути од средбата „кралевите“ не успеаја сериозно да му се заканат на голманот на Сити. Иако вкупно упатија 16 удари, играта делуваше безидејно, што создаде видлива фрустрација и летаргија кај фудбалерите. Изостанувањето на Килијан Мбапе повторно се покажа како клучен проблем за тимот. Францускиот напаѓач не настапи поради болка во левото колено, а статистиката покажува колку многу значи за Реал — секој негов трет или четврти удар завршува во мрежата, што го потврди и со четирите гола против Олимпијакос во претходното коло.

Тренерот Чаби Алонсо призна дека тимот го чувствувал неговото отсуство, но истакна дека и покрај тоа имале доволно шанси за втор погодок. Меѓутоа, ниту прекините, ниту вторите топки, ниту обидот Винисиус да игра како класична „деветка“ не донесоа резултат.

Иако Родриго постигна гол по долг пост од 1415 минути, а младиот Ендрик ја погоди пречката, нападот на Реал остана неефективен. Во комбинација со одредени дефанзивни пропусти, тимот влезе во сериозен проблем во еден од најчувствителните делови од сезоната, додека Алонсо се обидува да го најде решението за напаѓачката криза.

ФОТО: EPA PHOTO