Кредит на време: Ќе ви треба богатство за да ја бодрите Македонија - ако се пласира на СП!

Македонските спортски репрезентации традиционално имаат голема поддршка од трибините на големите европски и светски натпреварувања на кои настапуваат, но тоа би можело да не се случи ако фудбалерите успеат да го минат баражот и да се пласираат на СП 2026.

Една од причините дефинитивно е фактот што би играле во Мексико, до каде се скапи авионските билети, но дополнителен минус се (пре)високите цени на влезниците, кои во моментив изнесуваат од 200 до 700 долари за средбите од првата фаза. Ова се убедливо највисоки суми за следење натпревари на нашата национална селекција, што трошокот околу евентуалната посета на Северна Америка и навивање за македонските фудбалски херои ја прави достапна мисија само за мал промил од граѓаните на нашата држава.

Со обична математика, кога ќе се вкалкулира патот, сместувањето и цената на билетите, секој навивач на Македонија ќе мора да биде подготвен да потроши најмалку 5-6.000 долари за скромен престој и можност да ги бодри своите миленици од трибините. Секако, за најголем дел од Македонците ова е сума достапна само со земање кредит, кој потоа со години би се враќал.

За воопшто да дојде до вакви главоболки кај членовите на Фалангата, македонските фудбалери прво ќе треба да ја совладаат Данска, а потоа и подобриот од дуелот меѓу Чешка и Ирска. Средбите се играат во март следната година, а Македонија и на двата ќе биде односно би била гостин. Ако успееме да минеме, ќе играме против Мексико, Јужна Кореја и Јужна Африка.