Вардар капариса српски репрезентативец за следната сезона – ќе „лета“ од десно крило!

Српскиот репрезентативец, Вукашин Воркапиќ, од следното лето ќе го носи дресот на Вардар, објави денеска „Моцарт Спорт“.

По три успешни сезони во Војводина, во кои ги освои шампионската титула, Купот на Србија и Суперкупот, како и двојно учество во Топ 16 фазата од Европската лига, квалитетното десно крило ќе го напушти Нови Сад и ќе се пресели во раборот на двојниот европски првак.

Според информациите од северното соседство, договорот веќе е постигнат и Воркапиќ ќе стане дел од црвено-црниот проект, кој оваа сезона има јасна цел – да го симне Пелистер од македонскиот трон. И покрај поразот во синоќешното „Ел класико“ во Битола, вардарци се уште се лидери на табелата со бод предност пред конкурентот.

Вардар веќе има осигурано повеќе сериозни засилувања за следната сезона, во која сака по четири години да се врати во Лигата на шампионите, која од наредната сезона ќе биде проширена на 24 учесници наместо досегашните 16.