Ништо од заканите - Чаби Алонсо „преживеа“
По неуспехот против Селта, во шпанските медиуми се појави информација дека раководството на кралскиот клуб му поставило на Шпанецот ултиматум тимот да покаже реакција против Манчестер Сити. Многумина предвидуваа дека поразот против „граѓаните“ ќе го прекине престојот на Алонсо во Реал. Тренерот, сепак, нема да биде отпуштен сега и сигурно ќе го предводи тимот на натпреварот против Алавес в недела. Евентуален кикс во Виторија речиси сигурно ќе доведе до разделба од поранешниот тренер на Баер.
За време и по вчерашниот натпревар, Алонсо доби многу сериозна поддршка од повеќето играчи. Родриго отиде кај тренерот веднаш по неговиот гол, а по последниот свиреж на главниот судија, Тибо Куртоа, Винисиус и Раул Асенсио испратија многу силни пораки со поддршка на Алонсо.
Ако ништо друго, вчерашниот натпревар докажа дека шпекулациите дека Алонсо ја изгубил соблекувалната се неточни. Сега, сепак, поранешниот играч од средниот ред мора да ја постигне конзистентноста во резултатите што моментално недостасува.