Јакимовски игра како ѕвер за Македонија, ама во Еврокупот го водат како – Бугарин (ФОТО)

Македонската кошарка изминатиов репрезентативен циклус дефинитивно го доби лидерот каков што одамна се чекаше и тоа во Андреј Јакимовски, кој по петте години минати во американската НЦАА лига, конечно, почна да игра во Европа со што ги снемаа пречките за негово носење на дресот со националните обележја.

Тој беше најдобар поединец во неодамнешните победи против Азербејџан и ирска во претквалификациите за ЕП 2029, но што повеќе импресионираше беше неговата голежа желба да даде се од себе за Македонија, што постојано го потврдуваше во изјавите. Поради сето ова, шокантно делува објавата на интернет-страницата на Еврокупот, каде што Јакимовски е претставен како Бугарин во дресот на италијански Тренто. Ова не би требало да биде било каква провокација, туку само факт дека нашиот нов кошаркарски херој има и бугарски пасош, што за него во ниту еден момент не беше пречка ниту легална ниту морална за да не го носи жолто-црвениот дрес.

Ваков проблем во минатото имаше и со Перо Антиќ, кој кога настапуваше за Олимпијакос на страницата на Евролигата беше претставен како Бугарин бидејќи го поседува и пасошот на нашиот источен сосед. Но, тогаш, по реакцијата на македонската јавност, оваа грешка беше средена и крај името на доскорешниот прв човек на КФМ се појави дека е од Македонија.

Се надеваме дека луѓето од Еврокупот ќе ја увидат грешката и дека крај името на Јакимовски ќе ја стават државата чие кошаркарско државјанство име, а тоа е – Македонија.