Драма во Валенсија: Столе и компанија двапати се враќаа, па примија гол во 91. минута (ВИДЕО)
Столе Димитриевски го бранеше голот на Валенсија, која двапати успеваше да се врати во натпреварот, но на крајот остана без бодови.
Гостите од Сан Себастијан поведоа во 26. минута преку Лука Сучиќ, кој со одличен удар го совлада Димитриевски. Валенсија во продолжението на првото полувреме имаше свои шанси, но не успеа да израмни. Домашниот тим конечно стигна до 1-1 во 57. минута. Арон Мајол испрати одличен удар од работ на шеснаесетникот и ја затресе мрежата на Реал Сосиедад.
Сепак, радоста на „Местаља“ траеше кратко. Во 74. минута гостите добија пенал, а одговорноста ја презеде Карлос Солер, поранешниот капитен и играч на Валенсија. Тој беше прецизен за 2-1, иако Димитриевски ја погоди страната на ударот. Солер не го прослави погодокот против својот поранешен клуб. Валенсија не се предаде и во 84. минута повторно израмни. Беитија си постигна автогол, а по проверката на ВАР погодокот беше признат за 2-2. „Местаља“ експлодираше, но домаќините не успеаја да го задржат резултатот.
Во 91. минута, Реал Сосиедад зададе последен удар. Андер Баренечеа со силен удар погоди во поблискиот агол и му донесе огромна победа на гостинскиот тим. Димитриевски немаше шанса да интервенира. Во самиот финиш, Реал Сосиедад остана со десетмина, откако Оскарсон доби втор жолт картон, но гостите успеаја да го сочуваат водството до последниот свиреж.
Со овој пораз, Валенсија останува на претпоследното место со само четири бода, додека Реал Сосиедад се искачи на осмата позиција со 10 бода по седум одиграни кола. За Валенсија ова е трет пораз во последните четири првенствени натпревари, додека Реал Сосиедад по две последователни загуби успеа да стигне до важни три бода на „Местаља“.