Тудор ги нервира навивачите на Тотнем: Сѐ повеќе верувам дека одиме во вистинска насока

Менаџерот на Тотнем, Игор Тудор, покажа необјаснива верба во својот тим и покрај поразот од 1-3 од Кристал Палас во Премиер лигата.

Тоа беше петти пораз по ред и 11. натпревар без победа за Спарс, кои се повеќе се во опасност од испаѓање. Сепак, Хрватот останува оптимист.

„Можеби звучи чудно, но по овој натпревар верувам во тимот повеќе од порано. Видов нешто кај играчите, видов енергија и страст во соблекувалната по крајот. Кога ќе бидеме комплетни, ќе биде добро, верувам во тоа“, рече Тудор.

Клучен момент во натпреварот беше исклучувањето на Мики ван де Вен на крајот од првото полувреме.

„Црвениот картон промени сè. До тој момент ја контролиравме играта и водевме, но потоа стана исклучително тешко против тим кој е толку опасен во контранапад“, смета хрватскиот стручњак.

Сепак, тој останува позитивен и верува дека ситуацијата наскоро ќе се промени.

„Важно е да се испрати порака дека не можеме да ја прифатиме оваа ситуација како нормална. Станува збор за менталитет. Во овој момент мора да го признаеме тоа, но исто така да веруваме дека имаме квалитет да се справиме“, додаде Тудор.

Неговите изјави не наидоа на добар прием кај навивачите на Тотнем кои остро го осудија настапот на менаџерот. Тудор се уште нема освоено ни бод откако е назначен за предводник на лондонскиот клуб.