Леброн за историја, Јокиќ за победа (ВИДЕО)
Откако го надмина Карим Абдул-Џабар во февруари 2023 година, ноќеска го надмина легендарниот центар и по бројот на постигнати кошеви од игра во НБА. Џејмс го достигна рекордот во првата четвртина од натпреварот против Денвер Нагетс. Абдул-Џабар погоди 15.837 шута од игра за време на неговата 20-годишна НБА кариера, која заврши во 1989 година. Тој ги постигна повеќето од нив во дресот на Лејкерс, чиј член е Леброн од 2018 година. Многумина мислеа дека овој рекорд никогаш нема да биде соборен, но дојде и тој ден.
Сепак, новиот рекорд на Леброн не им помогна на Лејкерс да дојдат до триумф на гостувањето кај Денвер. Нагетс славеа со 120-113 и му ја прекинаа на противникот серијата од три победи. Клучен играч повторно беше Никола Јокиќ кој го оствари 23. трипл дабл во сезоната и 187. во кариерата, постигнувајќи 28 поени, 12 скока и 13 асистенции. Имаше и девет загубени топки, но сепак тој го носеше тимот кон новата победа.
Лука Дончиќ го предводеше Лос Анџелес Лејкерс со 27 поени, 11 скока и седум асистенции, додека Леброн заврши со 16 поени, осум додавања и пет скока.
РЕЗУЛТАТИ
Орландо - Далас 115-114
Вашингтон - Јута 112-122
Хјустон - Голден Стејт 113-115
Мајами - Бруклин 126-110
Минесота - Торонто 115-107
Сан Антонио - Детроит 121-106
Феникс - Чикаго 103-105
Денвер - ЛА Лејкерс 120-113
Сакраменто - Њу Орлеанс 123-133