Некогаш беа хит во Европа и ги шокираа гигантите во ЛШ, а сега се пред испаѓање
БАТЕ во саботата, во 29. коло, загуби од Гомељ со 1-3 и со 24 бода се наоѓа на 15. позиција. Пред него се Днипро од Могиљов со 26 и Белшина од Бобрујск со 27 бода, додека последнопласираниот Нафтан со 17 бодови веќе ги загуби шансите за опстанок.
Сега БАТЕ во последното коло, кое е закажано за 28 ноември, мора да го победи Исклоч и истовремено да се надева на пораз на Днепар од Минск. Само во таков случај ќе обезбеди бараж за опстанок против Слуцк, третопласираниот тим од Првата лига. Белшина не може да ја престигне поради послабиот меѓусебен скор, односно по ремито 1-1 и поразот од 0-1.
Задачата дополнително е отежната бидејќи Исклоч се бори за шампионската титула. Има 64 бода, исто колку и Динамо Минск, а заостанува еден бод зад лидерот МЛ Витебск.
БАТЕ оваа сезона во 29 натпревари забележа само пет победи, девет ремија и 15 порази. Постигна 21 гол, а прими 37. Летово беше елиминиран и од швајцарски Сион во квалификациите за Конференциската лига со вкупни 1:5.
Ова е огромен пад за клубот кој во 2008 година стана првиот белоруски претставник во групната фаза од Лигата на шампионите. Тогаш се најде во група со Реал Мадрид, а вкупно петпати настапуваше во оваа фаза од елитното натпреварување. Последен пат тоа го направи во сезоната 2015/16.
Најголемиот европски триумф БАТЕ го оствари на 2 октомври 2012 година, кога на домашен терен го совлада Баерн Минхен со 3-1. Германскиот гигант таа сезона ја освои Лигата на шампионите, додека белорускиот тим го заврши групниот дел на третото место и продолжи во Лига Европа.
Во групната фаза БАТЕ играше и против Барселона, Милан, Валенсија и Баер Леверкузен. Особено се памети и победата над Рома од 3:2, на 29 септември 2015 година, кога белорускиот тим на полувремето имаше предност од 3-0.