Тибо Куртоа утре ќе потпише за Реал Мадрид

Трансферот на Тибо Куртоа од Челси во Реал веќе бил договорен и би требало утре тој да потпише договор, објавува „Скај спортс“.

Според овој реномиран британски медиум Куртоа е на готовс да замине во Мадрид на лекарски прегледи. Тој остана во Белгија и не се врати во понеделникот на тренинзите на Челси, иако тогаш му заврши продолжениот одмор, кој го доби по СП.

Поради ова, англиските медиуми пишуваа дека Челси подготвува драконска казна за 26-годишниот голман (200.000 фунти), но очигледно тоа веќе не е важно. Понудата на Реал била 35 милиони фунти, плус Матео Ковачиќ на позајмица. Изостанува уште информацијата дали Челси прифаќа.

Со оглед дека голманот јасно стави до знаење дека не планира да останува во Лондон, нема ни да им треба човек, кој против своја волја го носи дресот, па затоа поголемо е прашањето дали ќе успеат да најдат замена на време, бидејќи преодниот рок завршува утревечер. Неофицијално, Челси подготвува рекордни 80 милиони евра за голманот на Билбао, Кепа Ариабалага, кој, иронично, во јануарскиот преоден рок помина и медицински прегледи во Реал, но Зидан го прекина трансферот.

Целава оваа зделка би требала да се случи во наредните 30-тина часа, како што изгледа, на задоволство на сите страни. За Куртоа ова би значело враќање во Мадрид, каде што помина три години од својата кариера, но во редовите на Атлетико (2011-2014).