Шеикот Ал Тани пратил стручен тим на „Олд Трафорд“ - не се откажува од Манчестер!
Пречекана била делегација од Катар, пратеници од емирот Јасим Ал Тани лично, со цел да направат уште едно „скенирање“ пред тој да испрати и втора понуда за купување на клубот.
„Она што се случуваше денеска беше всушност посета на многу високо ниво, која го преставуваше шеикот. Пристигнале со воз утрово од Лондон, а разговорите биле многуј позитивни. Се сретнаа со некои од раководните лица во клубот и погледнаа што всушност би купувале. Сакаа подобро да ги разгледаат и да ги сфатат нештата пред да дадат втора понуда“, вели известувачот на „Скај Спортс“, Каве Солекол.
За втората понуда имаат рок од 10 дена и шеикот Ал Тани и Сер Џим Редклиф, кој е втората заинтересирана странка. Неофицијално и едниот и другиот понудиле по 4,5 милијарди фунти во првата рунда, но со различни удели во клубот. Редклив бил задоволен само со 69 отсто од сопствеништвото, Ал Тани нишанел на „стотка“, но со обврска да инвестира уште дополнителни две милијарди фунти за изградба на нов стадион.
Актуелните сопственици, браќата Глејзер, јавно побараа шест милијарди фунти, за што сите беа скептични, меѓутоа по денешната посета на Катарците, англиските медиуми веруваат дека Јасим Ал Тани е запнат да го купи клубот.
„Некогаш, втората понуда знае да биде пониска од првата, откако во живо ќе се уверат во состојбата, но не верувам дека тоа ќе биде случај сега . Од еден извор од САД дознава дека 'не треба да има сомнеж оти шеикот Јасим сака да биде сопственик на Манчестер'. Досега мислев дека Ал Тани нема да загриза докрај за Манчестер, но по ова денеска мислам дека ќе направи што треба само да го купи“, додал новинарот на „Скај спортс“.
Истовремено, деновиве се појави информација и дека во трката за Јунајтед влегла и американска компанија, по име „Елиот“, но изгледа дека нејзините намери не се да купува, туку да го спонзорира клубот, ако остане под водствто на браќата Глејзер.