Глејзери остануваат газди на Манчестер јунајтед?
„Скај Спорт“ објави дека инвестициската фирма „Елиот Менаџмент“ влегла во процедурата со предлог за финансирање на англискиот гигант, но оваа фирма не сака да го купи клубот, туку да го финансира, што е потег кој потенцијално го остава семејството Глејзер да владее на „Олд Трафорд“.
Пред неколку дена во англиските медиуми се појави информација дека во трката за Јунајтед влегла и американска компанија, па многу веројатно дека „Елиот“ е истата, само без понуда за купување на клубот за разлика од еден од најбогатите Британци, сер Џим Редклиф и катарската понуда на банкарот и шеик Јасим Ал Тани.
Англиските медиуми веќе објавија дека браќата Џоел и Аврам Глејзер се поделени околу опцијата да го продадат клубот ако не ги добијат шесте милијарди фунти што ги бараат, а двете страни кои се понудија за купување, дадоа понуди од 4,5 милијарди фунти. Таа на Редклиф е да купи 69 отсто од акциите, додека од Катар понудата е за сто отсто акции, со гаранција за дополнителна инвестиција од две милијарди фунти за реконструкција на „Олс Трафорд“ и изградба на нов модерен тренинг-камп.