Воска ќе ја селат од Охрид во Гостивар, ќе биде сменето и името на клубот!

Македонскиот прволигаш Воска која ја игра својата втора сезона во елитната конкуренција, наскоро ќе влезе во нова ера на своето постоење.

Порталот Инфоспорт тврди дека досегашниот сопственик на клубот Нефи Усени го продал клубот на турски инвеститори кои планираат да го префрлат во Гостивар, а за ова се започнати и организациски подготовки. Тоа нема да биде единствената иновација, бидејќи планирано е да биде сменети и името на клубот. Сето тоа ќе доведе до сосема нова трансфер политика која веќе почна откако минатата недела Воска се ослободи од деветмина фудбалери што го носеа дресот на тимот во првиот дел од сезоната.

Со ова продолжува трендот на влегување на турски бизнисмени во македонскиот фудбал. Сопственици на овдешни клубови од Турција веќе имаат Шкупи, Работнички, Гостивар, Вардар, а од 2025 година најверојатно и Тиквеш и Воска.