Роналдо добива „шлаканици“ од сите страни: Прво Лига 1, па Пети, а сега Родри
Така беше и минатата недела на изборот на Глоуб Сокер во Дубаи. Прво изјави дека саудиското првенство е посилно од француското, а потоа го оспори изборот за Златната топка во кој победи шпанскиот репрезентативец Родри, освојувач на титулата на Европското првенство. Од Лига 1 доби жесток одговор во кој беше инволвиран и Меси, потоа Пети максимално го понижи Португалецот со зборовите дека од 2018 година Роналдо има повеќе интервјуа отколку трофеи и дека нема никакво влијание во играта ни во својот тим, ни во португалската репрезентација, а на крајот стигна одговор и од Родри.
„Неговата изјава беше изненадување за мене бидејќи тој подобро од кого и да е знае како функционира оваа награда и како се бира победникот. Оваа година новинарите гласале и одлучиле јас да победам, веројатно истите тие во еден момент гласале и за негова победа. Претпоставувам дека тогаш ја прифатил одлуката“, рече Родри.
Португалецот пет пати ја освои Златната топка во својата кариера, но сепак не е задоволен затоа што Меси има осум такви награди.