Родриго се изнервира: На Реал му служам за да ги закрпам дупките

Бразилскиот репрезентативец Родриго одлучи повеќе да не молчи во врска со својот статус во Реал Мадрид.

И покрај тоа што постигна голем број важни голови за својот тим, особено минатата сезона во Лигата на шампионите, тој не е во најтесниот круг на ѕвезди во екипата и со потсмев се гледа на неговите игри. Сега тоа почна да му пречи и јавно се пожали на односот што во клубот го имаат кон него.

„Често ги пополнувам дупките во нападот. Ако некој недостасува, Родриго нека игра тука. Фали некој десно? Родриго. Фали некој на позицијата 9? Родриго. Понекогаш тоа навистина ми пречи, но јас сум тимски играч“, вели Бразилецот.

Сепак, чудно во овој случај е што тој не ја смени средината кога веќе му пречи односот кон него. Во текот на летото имаше неколку добри понуди, Пеп Гвардиола е вљубен во неговата игра, но одлучи да остане во Реал каде во иднина уште повеќе ќе биде во сенка, пред се на Мбапе кој треба да биде главната ѕвезда во тимот.