Провокација од Селта до навивачите на Реал: Дојдете да го видите единствениот трофеј што не сте го освоиле

Утре вечер, екипата на Селта ќе го пречека актуелниот шампион на Шпанија, Реал Мадрид, а во пресрет на мечот домашниот тим упати провокација до противникот и неговите навивачи.

Реал постојано потенцира дека освоил се што можел да се освои во клупскиот фудбал во Европа и светот, но клубот од Виго најде еден трофеј што го има во своите витрини, а го нема кај мадридскиот гигант. Станува збор за пехарот од поранешниот Интертото куп кој Селта го освои во 2000 година, а со кој не може да се пофали Реал. Од тие причини, Селта денеска објави соопштение со кое ги кани навивачите на Реал да дојдат во Виго за да се фотографираат со единствениот трофеј кој не го освоил нивниот омилен клуб.

„Локалните историчари постојано потенцираат дека Реал освоил се, но тоа не е сосема точно. Некои мислат дека витрините на Селта се празни, но во нашиот музеј има еден меѓународен трофеј кој не е на листата на трофеи на Реал и со кој не можат да се пофалат ни други гиганти, како ПСЖ или Јувентус. Историјата на Селта е скромна, но не е без блесоци. Интертото купот беше официјално натпреварување на УФА од 1995 до 2008 година, а ние го освоивме во 2000 година по голема борба.

 

 

Од тие причини, Селта ги кани сите навивачи на Реал кои утре ќе го следат натпреварот на Балаидос да дојдат да го видат и да се фотографираат со единствениот трофеј кој не е освоен од нивниот клуб. Тој ќе биде изложен в сабота од 18 до 21 часот пред стадионот Балаидос и нема да наплаќаме фотографирање со него“, пишува, меѓу другото, во соопштението од Селта.

Овој клуб во 2000 година триумфираше во Интертото купот по триумфот во финалето против Зенит, но на патот до пехарот го елиминира македонскиот претставник Пелистер со вкупен резултат 5-1. Тоа е она гостување на битолскиот клуб во Виго кога екипата слета на аеродромот на околу два часа пред закажаниот почеток и со помош на полициска придружба стигна на Балаидос на едвај 30-тина минути до стартот. При влегувањето на стадионот, експедицијата на Пелистер беше топло поздравена од домашните фанови. Нашиот тим во Виго загубија со 0-3, а во Битола беше 2-1 за шпанскиот претставник.