Поранешниот клуб на Зидан се откажа од професионалниот статус и наскоро ќе згасне

Некогашниот француски гигант и шесткратен шампион на својата земја Бордо денеска се откажа од статусот професионален клуб што најверојатно е клучен чекор кон ликвидација или негово гаснење.

Напуштањето на професионалниот статус автоматски резултира со раскин на договорите со сите фудбалери и тренерот, како и губење на правата на користење на тренинг центарот во кој, меѓу другото, беа сместени 70 најталентирани фудбалери. Проблемите на Бордо почнаа во периодот на пандемијата со корона вирусот кога банкротираше компанијата Медиапро, носител на телевизиските права и клубот остана без планираните финансиски средства. Потоа и американските сопственици објавија дека немаат намера повеќе да го финансираат, па во 2021 година го презеде бизнисменот Жерар Лопез. Следната сезона испадна од Лига 1 по што почна кошмарот што резултираше со денешната одлука.

„Не чекајќи го рочиштето пред Стопанскиот суд, Бордо сам одлучи да се откаже од професионалниот статус кој го стекна во 1937 година. Ова е дефинитивно крај на една славна ера за Жирондинците од Бордо“, напиша денеска Лекип.

Бордо има 104-годишна славна историја, период во кој освои шест шампионски титули и четири Купа на Франција, а во 1996 година стигна и до финалето од тогашниот Куп на УЕФА. Таа сезона членови на Бордо беа Зинедин Зидан, Биксен Лизаразу и Кристоф Дугари и се сретна со македонскиот шампион Вардар во второто коло од Купот на УЕФА. Првиот меч во Скопје заврши со победа на францускиот тим со 2-0, а во реваншот беше 1-1.