Милевски: Не сум задоволен, но немаме време за жалење

Maкедонската фудбалска репрезентација разочара на стартот од Лигата на Нации и одигра само реми на гости кај Фарски Острови (1-1).

Селекторот Благоја Милевски на прес-конференцијата по натпреварот не криеше дека не е задоволен од она што го видел на теренот.

„Не сум задоволен од резултатот, противникот како што напоменав и претходно беше незгоден, но ги имавме сите услови за игра, освен на вештачката трева на друго не можеме да се пожалиме. Секогаш е тешко во првиот натпревар, можеби и најтежок. Одиме понатаму немаме време да жалиме, за два дена не чека Ерменија и нашта цел останува првото место во групата“.

Ги потенцираше Милевски и фудбалерите од кои очекувал повеќе.

„Не сум задоволен од првиот дел, очекував повеќе од дебитантите и од Иљазовски и Митровски, затоа ги заменив. Кога е второто полувреме во прашање можам да бидам задоволен од реакцијата. Играме како тим и сите сме заедно, меѓутоа ме загрижува емоцијата која ја видов денеска кај одредени фудбалери, така не може да се игра за македонската репрезентација“, изјави Милевски.

За три дена во Скопје Македонија ќе ја пречека Ерменија во рамките од второто коло.