Не може без фудбал: Легендарниот Иниеста си купи клуб – од Данска!
Тој во изјава за дански весник и за данска телевизија потврди дека заедно со швајцарска компанија ја купил мнозинската сопственост на овој клуб.
„Започнавме соработката со Хелсингер бидејќи тоа е неверојатно возбудлив клуб, со одлична инфраструктура, многу добри луѓе во и околу клубот и потенцијал да стане важен дел од данскиот фудбал“, изјави Иниеста.
Извршниот директор на Хелсингер, Бо Беј Хоугор, во септември изјави дека се надева Иниеста да го купи клубот, откако неговата компанија од минатото лето му пружала спортски консултантски услуги. Хоугор ќе ја задржи функцијата генерален директор на клубот, а се очекува Иниеста и директорот на швајцарската компанија, Жауме Сабате, да присуствуваат на натпреварот на Хелсингер во петок против Ишој ИФ, во Втората данска лига.
Компанијата „Никогаш не кажувај никогаш“ се занимава со комуникации, маркетинг и консултантски услуги, а Иниеста стана активен дел од неа откако ја заврши својата играчка кариера минатиот месец. Фудбалскиот клуб Хелсингер, кој е основан во 2005 година, моментално е седми на второлигашката табела со 19 бодови. Иниеста (40) најголем дел од кариерата мина во Барселона, каде што одигра 674 натпревари и постигна 57 голови, освои четири титули во Лигата на шампионите и со шпанската репрезентација освои два Европски шампионати и едно Светско првенство.