На премиерлигашка ѕвезда од 70 милиони евра ѝ се заканувале со пиштол – уапсен агент!
Настанот се случил на почетокот од септември, додека играчот со пазарна вредност од речиси 70 милиони евра бил во друштво на пријатели, објави „Сан“. Според полициските извештаи, нападот довел до апсење на 31-годишен фудбалски агент кој соработува со повеќемина англиски репрезентативци. Тој е осомничен дека мавтал со пиштол со цел да предизвика страв, како и дека упатувал закани и обиди за уцена кон пријател на фудбалерот. Засега против него не е подигнато обвинение, а играчот и неговиот придружник успеале да избегаат неповредени.
Два дена подоцна, полицијата извршила претрес во неговиот луксузен дом проценет на над два милиони евра. Агентот бил пуштен на слобода со кауција, со строга забрана да стапува во контакт со фудбалерот или да се појавува во клупскиот тренинг-центар.
„Станува збор за навистина застрашувачка ситуација. Играчот беше потресен, но реагираше правилно — веднаш ја извести полицијата. Клубот и неговите блиски му дадоа целосна поддршка и се надеваат дека ова нема да се одрази на неговите настапи.“
Првично, осомничениот агент не смеел ниту да патува во странство, но судот минатиот месец дозволил измена на условите на кауцијата. Тој ја добил назад својата патна исправа за да реализира претходно резервирано патување, со обврска да ја врати веднаш по враќањето во земјата. Полицијата потврди дека истрагата сè уште е во тек.
ФОТО: EPA PHOTO