Мусиала се огласи по тешката повреда и одби да го обвини Донарума: Никој не е виновен!

Младата ѕвезда на Баерн Минхен, Џамал Мусиала се огласи по тешката повреда која ја заработи против ПСЖ на Светското клупско првенство, Германецот се заблагодари за поддршката и одби да го обвини голманот Џиџо Донарума.

Џамал Мусиала го чека долга пауза (барем до крајот на годината) откако на пресметката помеѓу Баерн Минхен и ПСЖ во САД заработи тешка повреда по еден дуел со Џиџо Донарума (скршена фибула и скинати лигаменти).

Мануел Нојер веднаш го нападна својот колега од таборот на „светците“, и рече дека немало потреба така да влезе во дуелот, преземал преголем ризик иако немало потреба од тоа.

„Сакам да ви се заблагодарам за поддршката и љубовта која ми ја покажавте, ми значи многу. Убаво е да се види како светот на фудбалот се обединува во вакви моменти, и навистина сум благодарен. Операцијата е успешна, добивам одлична грижа. Никој не е виновен. Вакви ситуации се случуваат од време на време. Ќе го искористам претстојниот период за да се опоравам – и физички и ментално“, кажа младата ѕвезда на Баерн Минхен во видео објавено на социјалните мрежи.