Мурињо дава богатство за најдобриот косовски напаѓач?

Најдобриот косовски напаѓач, Ведад Муриќи, една од двете најголеми ѕвезди на селекцијата која во март е прв предизвик за Македонија во баражите за пласман на Евро 2020 е силна желба на португалскиот менаџер Жозе Мурињо во Тотнем, кој очајно бара центарфор за да го пополни местото на повредениот Хери Кејн.

Муриќи е фудбалер на турски Фенербахче, кој игра извонредно сезонава и заедно со Адис Јаховиќ моментно го делат третото место на листата на најдобри стрелци во турската Суперлига. Откако Мурињо не успеа да издејствува трансфер на Лука Јовиќ од Реал Мадрид, ниту на Единсон Кавани од ПСЖ, сега прва опција е Муриќи, а според информациите од Островото, наскоро ќе биде испратена подобрена понуда од 20 милиони фунти за услугите на овој напаѓач. Најверојатно најголемиот дел од парите би биле искористени од трансферот на Кристијан Ериксен во Интер, кој се очекува за 20 милиони евра да оди во Милано и до понеделник треба се да се официјализира.

Турски медиуми објавија на почетокот на месецов дека Тотнем испратил една понуда до Фенербахче, која била незадоволителна, па Мурињо потоа се свртел кон Кавани. Но, откако ПСЖ одбива да го продаде барем до летоска, сега на Португалецот му се брза да најде замена за Кејн, а за една недела завршува зимскиот преоден рок. Сега останува да се види дали Тотнем навистина ќе прави вака богата понуда за голгетерот на Фенербахче, кој на 17 меча има дадено 11 гола.

Муриќи заедно со Милот Рашица од Вердер Бремен се двете ударни игли на Косово, кои ќе бидат најголемата закана за Македонија во мартовскиот полуфинален бараж во Скопје (26 март, 20.45 часот) на Националната Арена „Тодор Проески“.