Можеби е рано за споредба, но Јамал е милји пред Меси и Роналдо на 17 години

Претходните години Барселона извади неколку фудбалери за кои се претпоставуваше дека можат да направат блескави кариери, а сепак подоцна потонаа во сивилото.

Прв меѓу нив беше Бојан Кркиќ, а најсвежиот пример е Ансу Фати. Нивните судбини придонесоа светската јавност да не верува премногу во Ламин Јамал иако мега-талентот на Барселона последната година игра рамноправно со најголемите ѕвезди на европскиот фудбал. Синоќа го забележа својот 100. настап во дресот на Барселона и го круниса со прекрасен гол, а многу лесно можеше да се случи да постигне и хет-трик бидејќи два пати ја погоди пречката.

 

 

Ако се земе предвид статистиката, Јамал има далеку поблескав старт на кариерата од Лионел Меси и Кристијано Роналдо кои доминираа во европскиот фудбал претходните две децении. Иако уште не е полнолетен, талентот на Барселона веќе има троцифрен број натпревари за својот клуб и четири трофеи во својата колекција, додека Меси и Роналдо на таа возраст уште беа анонимни и само големи таленти.

Роналдо на 17-годишна возраст имаше 19 одиграни натпревари со пет гола и четири асистенции. На истата возраст Меси беше со само девет меча и едвај еден гол. Јамал, пак, до моментов има 100 одиграни натпревари на клупско ниво, 22 гола и 33 асистенции и титули од Европското првенство, Ла Лига, шпанскиот Суперкуп и Копа дел Реј. На сето тоа треба да се додаде дека 18 години ќе наполни дури во јули, а дотогаш може дополнително да го зголеми бројот и на одиграни натпревари и на трофеи.