Милер се закани: Барселона ќе види зошто Левандовски ја заслужи „Златната топка“

Низ фудбалската јавност постои големо разочарување што Роберт Левандовски не ја доби „Златната топка“, која по седми пат замина во рацете на Лионел Меси. 

Особено огорчени се во Германија, а прв со критиките започна фудбалерот на Реал Мадрид, Тони Крос. Сега се јави и Томас Милер, кој исто така смета дека неговиот соиграч дефинитивно ја заслужил оваа индивидуална награда.

„Тоа што се случи на церемонијата на 'Златната топка' беше разочарувачки. Но тоа ни дава екстра мотив оваа сезона да ја освоиме Лигата на шампиони и да му покажеме на светот за што е способен германскиот фудбал. Ќе го докажеме тоа уште на следниот натпревар против Барселона“, рече фудбалерот на Баерн Минхен. 

Барселона идната среда гостува во Минхен во рамки на последното коло од групната фаза. Каталонците мораат да победат ако сакаат пласман во осминафиналето, но во исто време и Бенфинка да не го победи Динамо Киев во Лисабон.