„Марка“: Времето на Симеоне помина – мора да си оди од Атлетико!

Елиминацијата на Атлетко Мадрид синоќа од Ред Бул Лајпциг во четвртфиналето во Лигата на шампионите беше доволен повод за најугледниот шпански весник „Марка“ жестоко да удри по тренерот на мадридските црвено-бели, Диего Симеоне и да побара негово заминување после девет години на клупата на овој тим.

Атлетико загуби од германскиот бундеслигаш, кој првпат стигнува до полуфиналето во ЛШ, а Симеоне ја загуби тактичката војна со многу помладиот Јулијан Нагелсман, 33-годишниот стратег кој е најмлад што ќе игра полуфинале во ЛШ.

„Никој во историјата на Атлетико Мадрид не направил повеќе од Диего Симеоне, сјајно го водеше клубот, го направи европска сила и сигурно е дека никој после него нема да изгледа толку добар претставник на атлетиковата философија, но тоа е законот на животот – сè завршува. Заврши и кројфовата Барселона и Милан на Саки, Јунајдед на Фергусон, Реал Мадрид на Дел Боске... Сите завршија. Сега му дојде крајот и на Атлетико Мадрид под палката на Симеоне. Атлетико го загуби духот, со месеци не игра ништо. Стана клуб во кој главната ѕвезда е голманот. Време е Диего да си замине“, пишува Марка.