Македонците во Калчото ќе се соочат со намалување на платите поради коронавирусот

Македонските фудбалери во италијанското Калчо, Горан Пандев (Џенова), Елиф Елмас (Наполи) и Илија Несторовски (Удинезе) ќе се соочат со намалување на платите после пандемијата со коронавирусот, која најсилно ги погоди Апенините.

Првиот човек на италијанската федерација (ФИГЦ), Габриеле Гравина најави дека можно е кратење на платите на фудбалерите, зашто ефектот од пандемијата на финансиски план ќе биде многу болна во сите сектори во Италија и практично земјата ќе се најде во рецесија поради оваа глобална криза. Италија има скоро 35 илјади заболени, а речиси 3.000 починати откако избувна коронавирусот во земјата, па фудбалот како и насекаде во Европа е суспендиран, со најава дека Калчото би продолжило на 3 мај.

„Не треба да биде табу ако разговараме за намалување на платите. Мора да ја сфатиме итноста и сериозноста на сигуацијата. Мора да покажеме и разбирање, ама и одговорност. Сите сектори во земјата се сериозно потресени од оваа криза, не е само фудбалот“, најави Гравина.

Дека ќе има намалувања најавува и првиот човек на италијанското здружение на фудбалери, Дамијано Томази, кој само констатира дека слабите заработки, одложувањето на мечеви, владините мерки... сите тие ќе имаат ефект сериозен на фудбалот. Од ФИФПро, пак, посочуваат дека на светскиот фудбал му следи тешка економска криза.