Маестро Вернер со два гола го „нокаутираше“ Унион Берлин

Лајпциг со голем пресврт успеа да слави против Унион Берлин со 3-1 во рамки на 18. коло од германската Бундеслига, а херој во победата беше Тимо Вернер со два гола.

Балтер во 10. минута од мечот носи водство за гостинската екипа, по што Унион Берлин ја чуваше предноста до крајот на првото полувреме.

Во вторите 45 минути се разбуди Лајпциг, па преку Вернер во 51. минута израмни на 1-1, а шест минути подоцна Сабицер погоди за пресврт (2-1).

Унион се обидуваше да дојде до ново израмнување, но едноставно не им успеа, па Вернер со неговиот втор гол на мечот ги постави конечните 3-1.

Лајпциг е првопласиран на табелата со 40 бодови, односно пет повеќе од Борусија Менхенгладбах. Во топ-4 се наоѓаат уште Баерн Минхен и Борусија Дортмунд.