Легенда од „Олд Трафорд“ распали по Мурињо: Го срами Манчестер јунајтед!

Жозе Мурињо никако да го крене Манчестер јунајтед, па по два врзани порази, една елиминација, синоќа ремизираше без голови со Валенсија во Лигата на шампионите за да ја продолжи серијата на лоши резултати, а уште повеќе да ги разгневи навивачите и поголемиот дел од легендите на клубот.

Една од иконите на Манчестер, Пол Сколс, незаменливиот фудбалер за врска во ерата на сер Алекс Фергусон, без пардон распали по Мурињо, тврдејќи дека гигантот од „Олд Трафорд“ не заслужува да биде посрамен од човек како Мурињо.

Сколс жестокиот напад го кажал како стручен коментатор пред синоќешниот дуел, па допрва се очекува Мурињо да му одговори на овие напади.

„Јас сум изненаден што воопшто преживеа на клупата по тој пораз во саботата од Вест Хем. Манчестер изгледа ужасно со него на клупата. Мурињо на прес-конференции постојано ги напаѓа фудбалерите, ги напаѓа тие што се над него дека не му оствариле некоја желба... Очигледно е дека јазикот му е надвор од контрола. Тој едноставно е срам за Манчестер јунајтед“, рекол Сколс.

Португалецот во последниот период е во војна со Пол Погба, а медиумите посочуваат дека ги загубил конците во соблекувалната и дека почнале да се формираат кланови. Ваква ситуација Мурињо, барем според пишувањата на шпанските медиуми, со поделена соблекувална оставил во годината кога си заминал од Реал Мадрид.